Во Англија на стотици деца им биле препишани инјекции за слабеење
Сè поголем број деца во Англија добиваат рецепти за лекови за слабеење, меѓу кои има и деца помлади од 12 години. Најновите податоци од британскиот здравствен систем отвораат сериозни прашања за безбедноста и долгорочните последици од употребата на овие лекови кај најмладите, додека експертите предупредуваат на потребата од строг медицински надзор.

Во Англија, на стотици деца, меѓу кои и деца помлади од 12 години, им биле препишани лекови од групата GLP-1, кои се користат за намалување на телесната тежина.
Според истражувањето на британскиот весник „Гардијан“, засновано на податоци од Националната здравствена служба на Англија, во периодот 2025–2026 година, 419 деца помлади од 18 години добиле рецепти за овие лекови. Од нив, 10 биле помлади од 12 години.
Во четиримесечниот период до јули 2026 година, рецепти добиле 341 дете, од кои 15 биле помлади од 12 години.
Податоците ги опфаќаат рецептите реализирани во аптеките во Англија, но не и оние издадени во приватните клиники и болниците. Поради тоа, се претпоставува дека вистинскиот број на деца кои ги користат овие лекови би можел да биде поголем.
Лековите од групата GLP-1 првично биле развиени за лекување дијабетес тип 2, но денес се користат и во третманот на дебелината.
Експертите нагласуваат дека употребата на овие лекови кај децата треба да се разгледува само во случаи на тешка дебелина, кога другите методи на лекување не дале задоволителни резултати.
Тие предупредуваат дека кај децата кои ги користат овие лекови неопходно е внимателно следење на растот, пубертетскиот развој, исхраната и менталното здравје. Исто така, посочуваат дека по прекинувањето на терапијата постои можност изгубените килограми повторно да се вратат.
Во Англија, 10,7 проценти од децата на возраст од 4 до 5 години живеат со дебелина, додека кај децата на возраст од 10 до 11 години тој процент изнесува 22,8 отсто.
Светската здравствена организација (СЗО), во упатството објавено минатиот месец, исто така препорача лековите за третман на дебелината, вклучително и оние од групата GLP-1, да не се даваат на деца помлади од 10 години.
