Неочекувано откритие на роверот „Кјуриосити“ на НАСА

17.11.2026 08:26

Роверот „Кјуриосити“ на НАСА откри кристали од чист сулфур на Марс, откако случајно скршил карпа преку која поминувал. Се верува дека кристалите останале зачувани милијарди години.

Роверот „Кјуриосити“ на НАСА во 2024 година, додека се движел низ каналот Гедиз Валис во кратерот Гејл на Марс, со својата тежина од 899 килограми поминал преку навидум обична карпа. Под притисокот карпата се распаднала, откривајќи жолти кристали во нејзината внатрешност.

Извршените анализи потврдиле дека станува збор за чист елементарен сулфур. Иако на Марс и претходно биле откриени сулфатни минерали што содржат сулфур и кислород, ова е првпат на планетата да биде идентификуван сулфур во чиста елементарна форма.

Дополнително, било утврдено дека слични карпи се распространети на површина од околу 2.100 квадратни метри.

Според истражувањето објавено во научното списание „Science“ во јуни 2026 година, наслагите од сулфур можеби се формирале пред околу 3,1 до 2,8 милијарди години.

Научниците претпоставуваат дека гасовите што содржеле сулфур, ослободени за време на древните вулкански активности, можеби останале заробени под површината на Марс.

Едно од можните објаснувања е дека со текот на времето, поради ерозијата на површинските слоеви, овие гасови биле ослободени, а како резултат на хемиски реакции се формирале кристали од чист сулфур.

Сулфурот е еден од неопходните елементи за создавање аминокиселини, кои живите организми ги користат за производство на протеини.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека откривањето чист сулфур на Марс не претставува доказ дека на планетата постои или некогаш постоел живот.

Имено, второ истражување покажало дека чистиот сулфур може да се формира и преку хемиски реакции, без учество на живи организми.

Според научниците, ова откритие би можело да придонесе за подобро разбирање на условите што владееле на Марс пред милијарди години, како и на геолошкото минато на Црвената Планета.