Култура

Сара Милевска со самостојната изложба „Премин“ во КИЦ – Скопје

17.11.2026 09:29

„Премин“ е современ мултимедијален и интерактивен уметнички проект што ги истражува личните, општествените и системските граници кои го обликуваат човекот. Во неговата основа е прашањето кои граници се здрави и неопходни, а кои се имагинарни и наметнати.

Самостојната изложба „Премин“ на мултидисциплинарната уметница Сара Милевска ќе биде отворена во Продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар во Скопје вечерва со почеток во 20 часот.

„Премин“ е современ мултимедијален и интерактивен уметнички проект што ги истражува личните, општествените и системските граници кои го обликуваат човекот. Во неговата основа е прашањето кои граници се здрави и неопходни, а кои се имагинарни и наметнати.

Проектот произлегува од личните животни и духовни искуства на авторката и нејзиниот пат на преиспитување на границите што често ги прифаќаме како непроменливи правила за тоа што е дозволено, прифатливо и правилно. Во соочувањето со праведноста, она што дотогаш се сметало за нормално може да се открие како неправедно или ограничувачко, отворајќи простор за преиспитување на сопствените уверувања.

Преку серија ликовни дела изработени на рачно изработена текстилна хартија, во кои се испреплетуваат сликарски и текстилни техники, просторна инсталација од испреплетени црвени конци и перформанс, личното искуство се преточува во визуелно и интерактивно сведоштво. Црвените конци се метафора за невидливите ограничувања и напнатоста што се создава при нивното преиспитување и надминување. Движејќи се низ инсталацијата, публиката станува активен учесник во откривањето на делата и сопственото доживување на просторот.

Во перформансот, авторката го поставува сопственото тело во центарот на инсталацијата, како симбол на ранливоста, соочувањето и ослободувањето од наметнатите граници. Како што се наведува во описот на проектот, „Премин“ не е теорија ниту предавање, туку лично сведоштво за верата, праведноста и храброста да се биде искрен и ранлив, а сепак да се остане човек и да се љуби.

Сара Милевска е родена во 1994 година во Кавадарци. Таа е дипломиран дизајнер на современ и сценски костим и мултидисциплинарна уметница. Дипломирала на Факултетот за современа уметност во Белград, а претходно завршила средно уметничко образование во ДСУЛУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот за дизајн на текстил и облека.

Нејзината уметничка практика опфаќа ликовна уметност, текстилен дизајн, костимографија, просторни инсталации и перформанс. Како костимограф има реализирано повеќе од 20 театарски продукции во Македонија и Србија, соработувајќи со различни театри и режисери. Реализирала и самостојни и групни изложби, инсталации и перформанси, а има искуство и како ментор во обуки за реупотреба на текстил.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 30 ноември.