МЗШВ
Серафимовски: Започна откупот на тутун по цена од 435 денари за килограм прва класа
17.11.2026 14:49
Тој информираше дека површините под тутун годинава се зголемени во однос на лани и изнесуваат околу 15.100 хектари. Притоа посочи дека се очекува род од 26 до 30 милиони килограми, кој ќе се откупува според претходно склучените договори.

Започна откупот на годинешната реколта по цена од 435 денари за килограм тутун од прва класа, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, при посетата на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп, кој денес отвори 34 откупни пункта, а на кои досега се откупени повеќе од шест тони тутун.
„Очекуваме повеќе од 96 отсто од тутунот да биде откупен во прва класа, што значи дека ќе успееме да ја задржиме цената. Оваа цена е и по барање на самите тутунари“, рече министерот Серафимовски.
Тој информираше дека површините под тутун годинава се зголемени во однос на лани и изнесуваат околу 15.100 хектари. Притоа посочи дека се очекува род од 26 до 30 милиони килограми, кој ќе се откупува според претходно склучените договори.
„Во разговор со Сојузот на тутунари и со останатите тутунари ќе предложиме ново решение, односно зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари, бидејќи сакаме да им излеземе во пресрет на поголем дел од тутунарите и земјоделците што го предаваат својот тутун“, најави министерот Серафимовски. Тој појасни дека ќе се предложат измени во самата програма, со кои основната мерка и зелената нафта ќе бидат укинати, но затоа тутунарите ќе добијат дополнителни 10 денари субвенција за тутун.
Тутунот од втора класа се откупува по цена од 370 денари, додека, пак, од трета класа по 305 денари за килограм. Државниот инспекторат за земјоделство е на терен од првиот ден на откупот, а во наредните денови контролите ќе ги опфатат сите 317 пункта на десетте регистрирани откупувачи во земјата.
