Одреден 30-дневен притвор за напаѓачот на девојката во Охрид
Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец осомничен за семејно насилство и брутален физички напад врз 26-годишна девојка. Обвинителството го товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Девојката по нападот била хоспитализирана со тешки телесни повреди.

Притвор до 30 дена за 31-годишниот охриѓанец К.К., обвинет за нападот врз 26-годишна девојка, што се случи на 15 ноември. Основниот суд во Охрид ја прифатил мерката што ја побарало Основното јавно обвинителство, кое против него поднесе обвинение за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, обвинетиот при вршење семејно насилство, противправно ја затворил девојката, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во текот на истрагата, јавниот обвинител ја испитал оштетената во присуство на претставници од социјалните служби, а било извршено и вештачење за видот и карактерот на повредите.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, нападот се случил на 15 ноември околу 2 часот по полноќ. По расправија што започнала во домот на осомничениот, а продолжила во автомобил, тој физички ја нападнал девојката.
Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Свети Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
