Македонија

Пет лица уапсени во антитерористичка акција на МВР и АНБ, се подготвувал напад во странство

17.11.2026 12:57

Пет лица се лишени од слобода во заедничка антитерористичка акција на МВР и Агенцијата за национална безбедност. Според информациите од истрагата, групата имала меѓусебни врски со странски државјани и лица поврзани со таканаречени прокси-мрежи, а планирала терористички акт на територијата на друга држава. По едно лице, за кое се верува дека е во странство, сè уште се трага.

Пет лица се лишени од слобода во заедничка антитерористичка акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.

Акцијата била спроведена по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава биле доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам. Станува збор за шест македонски државјани на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово.

По спроведените оперативни и истражни активности, полициските служби извршиле претреси на четири локации, при што биле лишени од слобода четири лица. Уште едно лице било уапсено во Грција, а потоа предадено на надлежните органи во земјава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа во странство, се трага.

При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, дел од нив без соодветна дозвола.

Од МВР информираат дека во текот на истрагата била утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивните контакти со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со таканаречени прокси-мрежи. Според сознанијата на истражните органи, групата имала намера да изврши терористички акт на територијата на друга држава.

За случајот е известено надлежното јавно обвинителство, а на петте лица им се определени соодветни мерки од судија на претходна постапка.

Од МВР посочуваат дека соработката со АНБ е континуирана и дека од крајот на 2024 година досега биле преземени активности во 10 случаи, во кои биле опфатени вкупно 22 лица. Дополнително, во два одделни случаи било постапувано против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.