Светската џез-ѕвезда Мишел Камило утре ќе настапи со Националниот џез оркестар во Скопје
Добитникот на Греми, три Латински Греми и Еми признание, пијанистот и композитор Мишел Камило, утре ќе настапи во Скопје со Националниот џез оркестар. На концертот ќе му се придружат неговите долгогодишни соработници, контрабасистот Рики Родригез и тапанарот Марк Валкер, а со оркестарот ќе диригира маестро Џијан Емин.

Светската џез-ѕвезда Мишел Камило утре, 18 ноември, ќе настапи во Скопје на ексклузивен концерт со Националниот џез оркестар.
Камило, добитник на Греми, три Латински Греми и Еми признание, е еден од најзначајните пијанисти и композитори на светската џез-сцена. Препознатлив е по виртуозната пијанистичка изведба и музичкиот израз во кој ги спојува џезот, класичната музика и карипските ритми.
Во Скопје ќе настапи со своето трио, во состав Рики Родригез на контрабас и Марк Валкер на тапани. Со Националниот џез оркестар ќе диригира маестро Џијан Емин.
Концертот најавува музичка вечер исполнета со виртуозност, динамика и импровизација, како и препознатливата латино-џез енергија на Камило. Настапот е можност македонската публика да се запознае со творештвото на еден од водечките светски џез-уметници.
