Реконструкција на „Кузман Јосифовски – Питу“, објектот ќе биде отворен во јануари 2027 година
Привршуваат активностите за темелна и енергетски ефикасна рехабилитација на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје. Објектот ќе биде отворен пред почетокот на вториот семестар од тековната академска година...

Привршуваат активностите за темелна и енергетски ефикасна рехабилитација на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје. Објектот ќе биде отворен пред почетокот на вториот семестар од тековната академска година, односно во јануари 2027 година. Увид во градежните работи за реализација на инвестицијата вредна 10 милиони евра денеска изврши министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која рече дека актуелната Влада го реализира тоа што го ветува.
„Овој објект ќе биде вториот модерен студентски дом што ќе го отвориме со поддршка на Европската Унија и Германската развојна банка – KFW, со кои заедно започнавме и ќе го завршиме процесот на темелна обнова на девет државни студентски домови и шест државни училишта со ресурсни центри. Ова се значајни инвестиции во студентскиот стандард и во инклузијата на образовниот систем“, рече Јаневска, додавајќи дека за нивна реализација се обезбедени 86 милиони евра, од кои 60 милиони евра од KFW, 22 милиони евра се неповратни грантови од ЕУ, а четири милиони евра се буџетски средства.
Потсети и дека пред два месеца беше отворен реновираниот „Стив Наумов“, со можност за сместување на 1.150 студенти, а сега капацитетите се прошируваат и со овој дом, каде што ќе можат да се сместат 280 лица.
„Веќе видовте дека се работи за навистина одлични услови, високи стандарди за ваков тип градби и очекувам студентите што ќе го користат овој дом да бидат задоволни, но и одговорни, за да можат што повеќе генерации да ги почувствуваат придобивките од ова јавно добро“, нагласи Јаневска.
Додаде дека денот на посетата е избран симболично – 17 ноември е Меѓународен ден на студентите, а тие се во фокусот на владините политики.
„Грижата за студентскиот стандард е многу подигната во период од неколку години – практично, буџетот за оваа намена е двојно зголемен ако ги споредиме 2022 и 2026 година. Продолжуваме посветено да работиме за младите да бидат задоволни од вниманието од државата, да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат и да ги задржиме тука, во сопствената земја, да го реализираат својот потенцијал“, порача министерката за образование и наука.
