Економија

„Текнопанел“ најавува инвестиција од пет милиони евра и 100 нови вработувања

17.11.2026 15:28

Компанијата „Текнопанел“ планира проширување на инвестицијата во вредност од пет милиони евра, со што се очекува отворање на 100 нови работни места. За плановите за проширување разговарале директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, и членот на Одборот на директори на компанијата, Хуријет Демирорс.

Нови пет милиони евра инвестиции и 100 нови работни места се планирани со проширувањето на капацитетите на компанијата „Текнопанел“ во земјава.

За тековните активности и плановите за нови вложувања разговарале директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, и Хуријет Демирорс, член на Одборот на директори на „Текнопанел“ и управител на компанијата во Скопје.

Димовски го поздравил најавеното проширување, оценувајќи го како значаен чекор за понатамошниот развој на компанијата и потврда на довербата во инвестициските услови во земјава.

Тој ја истакнал подготвеноста на Дирекцијата за ТИРЗ да обезбеди институционална поддршка во рамки на своите надлежности за успешна реализација на планираните активности.

Од компанијата биле презентирани предвидените вложувања и потребата од нови вработувања, кои треба да произлезат од проширувањето на инвестицијата.

Од Дирекцијата за ТИРЗ посочуваат дека поддршката на постојните инвеститори, поттикнувањето нови вложувања и отворањето работни места остануваат меѓу приоритетите во работењето.