По дополнителни докази, притвор за осомничениот за нападот во Охрид
30-дневен притвор за 31-годишниот охриѓанец осомничен дека ја нападна и повреди својата 26-годишна партнерка во Охрид. По дополнително обезбедените материјални докази, судот ја промени првичната мерка на претпазливост.

Основниот суд во Охрид му определи 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец осомничен за нападот врз неговата 26-годишна партнерка. Судот ја промени првичната мерка на претпазливост за да се спречи влијание врз сведоци и поради опасност од бегство. Одлуката следува откако вчера попладне Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против него за три кривични дела – „Телесна повреда“, „Противправно лишување од слобода“ и „Загрозување на сигурноста“.
Полицијата продолжила со дополнително обезбедување нови материјални докази. Директорот на Бирото за јавна безбедност вели дека МВР ги презело сите мерки во рамките на своите надлежности.
„Работевме на документирање на целокупниот случај. Бевме во потреба од нови околности, елементи и материјални докази, поради што дополнително ги доставивме обезбедените докази и известување до надлежниот јавен обвинител. Одлуката се промени и на лицето му беше изречена мерка притвор од страна на судот“, изјави Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.
Случајот доби политичка димензија. „Доста е од насилство врз жени и фемициди“, велат од СДСМ. Според партијата, институциите не реагирале навремено, а побараа и политичка одговорност од министерот за внатрешни работи.
Со реакција се огласи и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата го осудија нападот, но го обвинија СДСМ за политизација и злоупотреба на случајот за политички цели.
„Повикот за протест е повик да се политизира целиот настан за да има крвави политички поени за Венко Филипче. А Филипче пет пари не дава ниту за повреденото девојче ниту за неговото семејство. Ако беше поинаку, тогаш СДС ќе се однесуваше достоинствено, а не како лешинар“, стои во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Паралелно, се води постапка и против таткото на девојката, кој беше пријавен за упатување закани кон семејството на обвинетиот. Против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста и определени му се мерки на претпазливост.
Инцидентот се случи на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По претходна расправија, која започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговото возило, девојката се здоби со телесни повреди. По хоспитализацијата, таа е на домашно лекување.
Соња Рилковска
