ДЗР: Слабости во ИТ-системот на Агенцијата за вработување
Недоволни човечки капацитети, отсуство на обуки за ИТ-кадарот и слабости во безбедносните контроли на информацискиот систем на Агенцијата за вработување. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија, кој оценува дека постојат ризици за заштитата на информациите и континуитетот на работењето. Во секторот за информатика се пополнети само две од седум систематизирани работни места, а во последните три години не биле реализирани обуки за вработените.

Слабости во управувањето со ИТ-системот и примената на безбедносните мерки и контроли во Агенцијата за вработување утврдил Државниот завод за ревизија. Според ревизорскиот извештај, недоволните човечки и технички капацитети, како и потребата од подобрување на безбедносните процедури, го загрозуваат ефективното ниво на заштита на информациите и ИТ-ресурсите.
Ревизијата, која го опфати периодот од 2021 до 2024 година, покажала дека во централниот Сектор за информатика се пополнети само две од вкупно седум систематизирани работни места, односно 28,57 проценти.
Дополнително, во последните три години не биле реализирани обуки за ИТ-кадарот, ниту постоела документирана програма за обука заснована на работните улоги и потребите на вработените.
Агенцијата користи интегриран електронски систем за управување со услугите за вработување, кој опфаќа евиденции, посредување при вработување, активни мерки и исплата на надоместоци. Системот ја поддржува работата на централната локација и на 29-те центри за вработување низ државата.
Во периодот од 2020 до 2025 година биле реализирани повеќе набавки поврзани со ИТ-инфраструктурата, безбедносните системи и комуникациските услуги. Вкупната вредност на реализираните и тековните договори опфатени со анализата изнесува 171 милион и 231 илјада денари, односно 2,78 милиони евра.
И покрај инвестициите, ревизијата утврдила дека системот во текот на 293 дена, односно 15,7 проценти од анализираниот период, не бил покриен со договор за превентивно и адаптивно одржување.
Констатирани се и слабости во управувањето со личните податоци, корисничките пристапи и мрежната безбедност. Ревизорите укажуваат на потреба од подобрување на контролата на пристапот до информациските ресурси, како и на постапките за чување, архивирање и бришење на податоците согласно законските рокови.
Меѓу препораките се и зајакнување на механизмите за резервно копирање и обновување на податоците, редовно тестирање на плановите за континуитет на работењето и подобрување на физичката заштита на ИТ-инфраструктурата.
Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека реализацијата на препораките треба да придонесе за поефективно управување со ИТ-ризиците и повисоко ниво на заштита, стабилност и континуитет на информацискиот систем на Агенцијата за вработување.
