35 години Устав
Не сме радикални во барањата, сакаме извесност на нашиот евроинтегративен пат и еднаков третман, вели претседателката Сиљановска-Давкова.

Македонија е подготвена да разговара со Софија за надминување на спорот, се разговара и со Европската комисија, изјави шефицата на државата на 35-годишнината од донесувањето на Уставот. Сиљановска Давкова го повтори ставот за уставните измени – оти во евроинтегративниот процес потребна е извесност.
Сиљановска Давкова оцени дека македонскиот Устав е рекордер во измени, 36 на број, па затоа упати конкретна препорака до спикерот Гаши – почесто да ја свикува Комисијата за уставни прашања, а нејзината работа да се збогати со експерти однадвор.
Претседателот на законодавниот дом, пак, смета оти Уставот треба да биде темел на стабилноста, инструмент за развој и ризница во која се чуваат основните вредности на државата.
Неколку месеци по референдумот за независноста, на 17 ноември 1991 година, со 92 гласа „за“ и 22 „против“, првиот состав на македонското Собрание го изгласа највисокиот правен акт, Уставот на Република Македонија.
Најголеми промени документот претрпе во 2001 година со Охридскиот рамковен договор и во 2019 година со Преспанскиот договор за промена на уставното име на државата.
Викторија Милевска
