Безбедност

АНБ и БЈБ: Ризикот од терористички акти во земјава е низок

17.11.2026 17:10

Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност спроведоа антитерористичка акција. Откриена е иранска прокси мрежа, која планирала атентат на лице во Грција. Уапсени се петмина скопјани и кумановци, еден е се уште во бегство. Истрагата траела 10 месеци.

Петмина се уапсени во заедничка антитерористичка акција на Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност. Осомничени се дека по директни насоки на ирански државјанин, за кој се смета дека е поврзан со иранските безбедносно-разузнавачки служби, давале логистика за атентат врз лице во Грција. Им помагал уште еден, кој е во бегство.

Осомничените одржувале средби во трети земји, вклучително и во Иран, а нивните активности биле следени во соработка со Грчката разузнавачка служба и други меѓународни партнери.

„Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех,  издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Наџи Шарифи Зиндашти“, изјави директорот на АНБ, Бојан Христовски.

На четири локации во земјава се извршени претреси, еден е уапсен во Грција и предаден на македонските органи. Биле одземени мобилни телефони, компјутери, усб-уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција. Четворица се во затворски, еден во куќен притвор.

„Од почетокот на годината беа доставени информации добиени во меѓународна соработка, кои се однесуваа на шест лица, државјани на Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и од Куманово. Врз основа на овие сознанија , со цел документирање на нелегалните активности беа преземени координирани оперативни активности. Самата акција беше прецизно планирана и реализирана од страна на надлежните полициски служби од одделот за сузбивање на организиран криминал со оддршка на припадниците на специјалната антитерористичка единица - Тигар“, изјави директорот на БЈБ, Александар Јанев

Истрагата продолжува за откривање на евентуално поврзани лица и спречување нови безбедносни закани, велат надлежните. Ризикот од терористички акти во земјава е низок, уверува првиот човек на АНБ.

 

Наташа Гркова Петрушевска