Собранието продолжува со опозициски прашања
По прекинот на 12 ноември, Собранието денеска ќе ги продолжи опозициските пратенички прашања. Претседателот Африм Гаши информираше дека е постигнат договор паузите во иднина да не се пресметуваат во предвидените два часа за поставување прашања. На дневен ред на 130. седница се и повеќе законски решенија...

Собранието денеска ќе ја продолжи 130. седница со опозициски пратенички прашања, прекинати на 12 ноември по барањето паузи од опозициските пратеници.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, појасни дека по различните толкувања на Деловникот, мнозинството и опозицијата се договориле паузите во иднина да не се пресметуваат во предвидените два часа за пратенички прашања, но и да се внимава тие да не го одложуваат нивното поставување.
На дневен ред се и повеќе законски решенија и предлог-одлуки, меѓу кои измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште, законите за градење и рибарство и аквакултура, како и предлози за избор на членови во собраниски тела и делегации. Пратениците ќе расправаат и за резолуцијата за миграциската политика за периодот 2026–2030 година.
