Собраниски комисии на седници
Три собраниски комисии денеска ќе расправаат за законски измени од областа на земјоделството, рибарството и финансиите. Во фокусот се амандманите на измените на Законот за земјоделство и рурален развој, за кој се поднесени 14 амандмани, и Законот за Фондот за осигурување на депозити, со 18 амандмани.

Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе расправа за амандманите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, во второ читање. За ова законско решение се поднесени 14 амандмани. На дневен ред на Комисијата е и Предлог-законот за изменување на Законот за рибарство и аквакултура, по скратена постапка.
Комисијата за финансирање и буџет ќе одржи амандманска расправа за измените и дополнувањата на Законот за Фондот за осигурување на депозити, во второ читање. Поднесени се 18 амандмани.
Пред членовите на Законодавно-правната комисија е Предлог-законот за изменување на Законот за рибарство и аквакултура, по скратена постапка.
