Божиновска на енергетски форум во Варшава
Министерката за енергетика Сања Божиновска учествува на Седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка во Варшава. Во фокусот на форумот се европската енергетска безбедност, заштитата на критичната инфраструктура и диверзификацијата на снабдувањето со енергија.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска и утре ќе учествува на Седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), што се одржува во Варшава, Полска.
Божиновска ќе биде панелист на сесија посветена на европската енергетска безбедност, заштитата на критичната инфраструктура и диверзификацијата на снабдувањето со енергија.
На состанокот, организиран во соработка со Атлантскиот совет, учествуваат високи владини претставници и претставници на енергетскиот сектор од Европа и САД. Меѓу најавените учесници се американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и полскиот премиер Доналд Туск.
Форумот има за цел да ја унапреди енергетската соработка меѓу Европа и САД и да отвори можности за нови партнерства.
