Култура

Полските уметници Мариуш Патира и Радослав Курек со концерт во Македонската филхармонија

18.11.2026 12:23

Полскиот виолинист Мариуш Патира и пијанистот Радослав Курек настапија синоќа во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на концертната програма на „Охридско лето“ надвор од редовната фестивалска сезона. Со виртуозни изведби и внимателно одбран репертоар, двајцата уметници ја воодушевија публиката, која ги награди со долги аплаузи.

Музичка вечер исполнета со виртуозност и врвна интерпретација приредија полскиот виолинист Мариуш Патира и пијанистот Радослав Курек на синоќешниот концерт во Камерната сала на Македонската филхармонија.

Настапот беше дел од концертната дејност на Националната установа „Охридско лето“ надвор од редовната фестивалска сезона. На програмата беа дела од различни стилски периоди, преку кои двајцата уметници ги претставија својата музичка виртуозност и интерпретативните способности.

Со извонредна техника, музикалност и сценска енергија, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која нивниот настап го награди со долги аплаузи. Особен впечаток остави музичката комуникација меѓу двајцата уметници и нивните усогласени изведби.

Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, станувајќи првиот полски виолинист со ова признание. Во својата кариера настапувал на концертни сцени во Европа, Јапонија, САД и Мексико.

Пијанистот Радослав Курек е истакнат камерен музичар и добитник на повеќе меѓународни признанија, со концертни настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.

Со овој концерт „Охридско лето“ ја продолжува традицијата на концертни активности надвор од редовните фестивалски денови, започната минатата година. Настанот беше реализиран со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот за публиката беше бесплатен.

Следниот концерт од програмата е закажан за 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, каде што ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.