Фудбал

Зимски „Мундијал“ во 2022?

07.10.2014 12:13

Се помали се шансите да му се одземе организацијата на првенството на Катар и да се додели на друга земја, па ФИФА се обидува со промена на терминот на одигрувањето како солуција...

Ќе биде ли „зимски“ фудбалскиот Мундијал во 2022 година во Катар? Ќе бидат ли загрозени Зимските олимписки игри во истата година? Сапуницата околу одржувањето на 22-то светско фудбалско првенство трае долго и постојано добива нови загрижувачки димензии. Несносливите горештини во јуни и јули во Катар е проблемот со кој е соочен фудбалскиот свет. Алармот е активиран, се бара решение.
 
Се помали се шансите да му се одземе организацијата на првенството на Катар и да се додели на друга земја, па ФИФА се обидува со промена на терминот на одигрувањето како солуција. Има неколку опции, кои за кои се размислува.Сеп Блатер, првиот човек на ФИФА сугерира Мундијалот да се одржи во периодот ноември-декември 2022 година.
 
Оваа идеја покренува лавина од реакции во Европа. Во тој термин се одвиваат сите национални првенства. Втората опција е периодот јануари-февруари, но тоа би значело поклопување со Зимските олимписки игри во 2022 година, кои допрва треба да го добијат својот домаќин.
 
Откако Осло се откажа од кандидатурата, изборот ќе биде меѓу Пекинг и Алмати. Не е невозможно од Меѓународниот олимписки комитет да се бара ЗОИ да бидат поместени за 15 денови, што можеби  би било во интерес и на фудбалот и на светскиот спорт. Блатер е член на ИОК и веројатно нема да повлече потег со кој би бил загрозен олимпискиот спорт.
 
ФИФА подготвува состанок во ноември, пред да донесе конечно решение.Сама си создаде голем  јазол! Врз Сеп Блатер е главниот товар, да се обиде да го одврзе или да го пресече!