Култура

Концерт на Трио Аура во Истанбул

18.11.2026 20:44

Трио АУРА е еден од водечките и најатрактивните камерни состави на македонската музичка сцена, препознатлив по својата изразена експресивност, компактност на звукот и беспрекорна музичка симбиоза. Составот го сочинуваат тројца истакнати македонски уметници и редовни професори на Факултетот за музичка уметност – Скопје:

Концерт на Трио Аура, сочинето од Страшо Темков – флејта, Марјан Милошевски – фагот и Ана Гацева – пијано на 27.11.2026 г. со почеток во 19:00 часот во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ (Свети Лав) во Истанбул, Турција.

Трио АУРА е еден од водечките и најатрактивните камерни состави на македонската музичка сцена, препознатлив по својата изразена експресивност, компактност на звукот и беспрекорна музичка симбиоза. Составот го сочинуваат тројца истакнати македонски уметници и редовни професори на Факултетот за музичка уметност – Скопје: флејтистот Страшо Темков, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистката Ана Гацева. Нивната несекојдневна инструментална комбинација носи свежина, виртуозност и префинета камерна естетика, поради што музичката критика со право ги нарекува „мајстори на својот инструмент“.

Награди и признанија: Награда „Златна лира“ (2023) – доделена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) за врвни уметнички достигнувања во изведувачката дејност.

Концертна дејност и фестивали: Од своето основање, Трио АУРА негува интензивна и богата концертна активност во Македонија и на меѓународната сцена. Членовите на триото, како камерни музичари и солисти, имаат остварено бројни рецитали во САД, Франција, Германија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија, Белорусија, Бугарија, Србија, Словенија, како и во Азија и Африка. Составот е редовен и почитуван гостин на реномирани домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои: Охридско лето, Скопско лето, Златна лира, Денови на македонска музика и бројни културни манифестации низ целата држава. Меѓународна сцена: БУНТ (Белград), НИМУС (Ниш), ЛЕДАМУС (Лесковац), Барски летопис (Бар), Еспресиво (Цетиње), како и фестивали во Софија, Врање, Ваљево и Крагуевац.

Репертоар и уметничка мисија на Трио АУРА опфаќа широк спектар на дела од сите музички епохи и стилови – од барокот и класицизмот, преку романтизмот, сè до современата музика и танго нуево (дела од Девиен, Јанса, Лефевр, Коетсиер, Бонис, Пјацола и др.). Посебен сегмент од нивната уметничка мисија е континуираната соработка со домашни автори и премиерната промоција на дела од македонски композитори.

Настанот е во организација и поддржан од Македонскиот културен центар во Турција и Министерството за култура и туризам на Р. С. Македонија.