Герасимовски: Реконструираме улици низ Центар, создаваме побезбедни услови за пешаците и велосипедистите
Градоначалникот Горан Герасимовски, во гостувањето во живо во емисијата „Отворено со градоначалниците“ на Македонско радио – Радио Скопје (МРТ), истакна дека целта на реконструкциите не е само обновување на коловозите, туку создавање побезбеден и поуреден јавен простор за сите граѓани.

Општина Центар продолжува со интензивни инфраструктурни активности на повеќе локации, со реконструкција на улици, поставување нова водоводна и фекална мрежа, уредување на тротоари, велосипедски патеки и зголемување на зеленилото. Меѓу поголемите проекти се реконструкциите на улиците „Ленинова“ и „Мирослав Крлежа“, кои се во завршна фаза.
Градоначалникот Горан Герасимовски, во гостувањето во живо во емисијата „Отворено со градоначалниците“ на Македонско радио – Радио Скопје (МРТ), истакна дека целта на реконструкциите не е само обновување на коловозите, туку создавање побезбеден и поуреден јавен простор за сите граѓани.
„Во текот на целата година реконструираме повеќе улици за да обезбедиме подобри услови за живот на граѓаните. При секоја реконструкција водиме сметка и за пешаците и за велосипедистите. На првиот дел од улицата „Ленинова“ ги ослободивме тротоарите од паркирани возила, а истото го правиме и на вториот дел, каде што уредуваме дополнителен простор за пешаците, велосипедски патеки и повеќе зеленило. Сакаме улици што ќе бидат функционални и безбедни за сите, а не тротоари зафатени со автомобили“, изјави Герасимовски.
Во Маџир Маало е поставена нова водоводна и фекална мрежа, со што се подобрени условите за околу 200 жители. Асфалтиран е и дел од улицата „Маџир Маало“, каде што жителите со години се движеле по земјен пат, без асфалтиран коловоз.
Инфраструктурни зафати се реализирани и во Ново Маало, каде што е асфалтиран крак од улицата „Истарска“, а извршена е и реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ“. По барање на жителите, асфалтиран е и крак од улицата „Загрепска“.
Во однос на реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, градоначалникот појасни дека работите се пролонгирани поради непредвидени околности што се појавиле на терен, а кои не се предизвикани од Општината.
Герасимовски нагласи дека Општина Центар продолжува да инвестира во инфраструктурата во сите населби, со цел да обезбеди подобри услови за живот, побезбедно движење и поуредена урбана средина.
„Нашата обврска е да водиме грижа за секое маало и за секоја улица во Центар. Продолжуваме да работиме според потребите на жителите, затоа што секоја реконструирана улица значи подобро секојдневие за граѓаните“, порача Герасимовски.
