Западот ја засилува воената и финансиската поддршка за Киев со ракети, дронови и милијарди евра
Западот ја засилува воената и финансиската поддршка за Киев со ракети, дронови и милијарди евра. Но, додека сојузниците ветуваат посилна одбрана пред продолжување на мировните преговори, Вашингтон повикува на воздржаност од украински напади длабоко во Русија. Зеленски бара повеќе оружје, Москва предупредува на можно странско воено присуство во украина. Утре во Берлин состанок на Коалицијата на подготвените...

Западните сојузници ја засилуваат воената и финансиската поддршка за Украина пред петтата зима од руската инвазија. Најавени дополнителни системи за воздушна одбрана, ракети, дронови и муниција, а досегашните заложби во рамките на програмата ПУРЛ надминуваат 10 милијарди долари.
„Руските бомби продолжуваат да паѓаат врз украинските градови, со цел животот на цивилното население да стане неподнослив. На Украина ѝ е потребна нашата поддршка, а сојузниците на НАТО ја обезбедуваат“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Според Вашингтон, приоритет треба да биде одбраната, а не нападите длабоко во Русија.
„Нашата проценка е дека таквите напади не биле ефикасни во ставањето крај на војната, ниту во запирањето на руското напредување на фронтот. Фокусот на нашата поддршка треба да биде зајакнување на способноста на Украина да ги задржи позициите и, каде што е можно, да напредува“, изјави Елбриџ Колби, потсекретар за одбранбена политика на САД.
Зеленски, пак, бара повеќе ракети, авиони Ф-16 и оружје со долг дострел, како и укинување на ограничувањата на сателитската комуникација „Старшилд“.
„Наместо да ни се овозможи да се браниме, ограничувањето на брзината на „Старшилд“ и понатаму останува на сила во привремено окупираните територии. За ова разговараме со нашите партнери, со американската страна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Велика Британија најави 240 милиони фунти за украинската воздушна одбрана, вклучително и над илјада ракети, лансери и радари, со испораки од декември.
„Опипливата поддршка од сојузниците за Украина можеби е најголемата стратешка грешка на Путин во неговата незаконска војна“, изјави Вес Стритинг, министер за одбрана на Велика Британија.
Европската комисија предлага заем од 45 милијарди евра за Украина во 2027 година, од кои 20 милијарди за буџетски, а 25 милијарди за воени потреби. Украина ќе го врати долгот по руската воена отштета.
„Украина ќе треба да го врати заемот дури откако Русија ќе ја надомести штетата што ѝ ја нанесе. Ова е најдобриот начин да ѝ обезбедиме посилна позиција на Украина на преговарачката маса“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Москва тврди дека воените вежби во Полска укажуваат на можност за распоредување странски сили во Украина. Утре во Берлин ќе заседава Коалицијата на подготвените, а Советот за безбедност на ОН на 23 ноември ќе одржи состанок за Украина.
Бојана Крстевски
