Божиновска: По три децении зависност од еден извор на гас, Македонија отвора нови правци за снабдување
Македонија работи на диверзификација на енергетското снабдување и регионално поврзување преку нови гасни и електроенергетски интерконектори. На состанокот на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка во Варшава, министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција треба да заврши во јуни следната година, а се работи и на поврзување со Србија и Албанија.

Македонија отвора нови можности за снабдување со природен гас и електрична енергија преку регионални инфраструктурни поврзувања. По три децении зависност од еден извор за снабдување со природен гас, преку Бугарија, земјата работи на обезбедување алтернативни правци, информираше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на состанокот на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.
На панел-дискусијата посветена на европската енергетска безбедност, Божиновска посочи дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција треба да заврши во јуни следната година. Цевководот ќе биде подготвен и за транспорт на водород. Паралелно се работи и на гасното поврзување со Србија, со што ќе се отворат дополнителни можности за пристап до регионалните пазари.
Во електроенергетскиот сектор се преземаат активности за поврзување со Албанија. Како дел од диверзификацијата, министерката го посочи и повторното ставање во функција на продуктоводот за транспорт на нафтени деривати со Грција, кој по 12 години неактивност започна да работи оваа година.
Божиновска нагласи дека регионалната соработка е неопходна за долгорочна енергетска сигурност, особено за земјите без излез на море.
На дискусијата беше отворено и прашањето за заштитата на критичната енергетска инфраструктура од новите безбедносни закани, меѓу кои сајбер-нападите и дроновите. Според министерката, државите треба да ги креираат политиките и законодавството, но за нивното спроведување е неопходна соработка со приватниот сектор и инвеститорите.
Како дополнителен предизвик ги посочи долгите рокови за набавка на енергетска опрема. Таа информираше дека инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина го добил првиот достапен термин за испорака дури во 2032 година.
Седмиот состанок на P-TEC во Варшава ги обединува претставниците на владите, меѓународните институции и енергетскиот сектор од Европа и САД, со фокус на енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето и стратешката инфраструктура.
