Инцидент на скопска Гинекологија – на новороденче му бил пресечен дел од палецот
Двa дена старо бебе било повредено со ножици при отстранување на завојот со кој била прицврстена инфузијата. Новороденчето е оперирано на Детската хирургија и пуштено на домашно лекување. Формирана е дисциплинска комисија за утврдување на одговорноста.

Инцидент на скопска Гинекологија. На новороденче старо два дена, со ножици му бил пресечен дел од палецот при отстранување на лепливата лента и завојот со кои била прицврстена инфузијата. Бебето е оперирано на Детската хирургија. Оттаму велат дека прстот ќе биде функционален, но ќе има одредена маана. Пуштено е на домашно лекување.
„Палецот ќе ја зачува функционалноста, нормално, еден дел од меките ткива кој што е изгубен е надоместен со друго ткиво, значи направена е локална пластика, обработка на раната. Ќе има одреден дефект, но за детали не можам да кажам, треба малку време“, вели д-р Лазо Јовчевски, директор на Детска хирургија.
Настанот е разгледан од Комисијата за квалитет, а формирана е и дисциплинска комисија. Медицинската сестра е прераспределена во млечна кујна. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки.
„Ваквите настани се третираат со највисок степен на сериозност и нема да има толеранција за евентуално утврдени пропусти во постапувањето. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи. Безбедноста на пациентите, особено на новороденчињата, останува наш апсолутен приоритет“, велат од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Случајот во јавноста го обелодени таткото на новороденчето, кој посочи дека настанот се случил во понеделникот при испис на бебето од болница.
Андријана Ѓурческа
