Македонија

Секое десетто дете во Македонија било изложено на сексуална злоупотреба на интернет

18.11.2026 17:45

Околу 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба во дигиталниот простор, покажува истражувањето на УНИЦЕФ. Иако речиси 88 проценти споделиле со некого што им се случило, помалку од еден процент пријавиле преку официјалните механизми.

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

Загрижува и податокот дека во 78 проценти од случаите злоупотребувачот е лице кое детето веќе го познавало. Речиси 88 насто кажале некому, но помалку од 1 процент пријавиле преку официјални механизми.

Потребно е воспоставување на национална линија за пријавување на материјали со сексуална злоупотреба на деца на интернет – нешто што нашата држава сè уште го нема. Од неодамна е отворен нов сервис за пријави на социјалните медиуми. Досега има 25 пријави.

Менталното здравје е сериозен предизвик со кој се соочуваат децата. Потврда за тоа е и зголемениот број повици и на бесплатната СОС-линија на Меѓаши „Ало Бушавко“.

Сексуалната експлоатација и злоупотреба на децата сè почесто се застапени и во дигиталниот простор. Потребен е мултисекторски пристап за да се даде поддршка на најранливата категорија.

 

Ана Јосифоска