Внимателно возење по влажни коловози и можни одрони
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по наместа влажни коловози. На делницата Калишта – Радожда, кај Елен Камен, е воведен наизменичен режим на сообраќај. АМСМ предупредува на можни одрони и апелира на внимателно возење, а потсетува и дека е во сила обврската за задолжително поседување зимска опрема.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од ДППУ „Стентон Градба“ ДОО Битола информираат дека од 17 ноември 2026 година, на регионалниот пат Р1208, на делницата Калишта – Радожда, кај месноста Елен Камен, сообраќајот се одвива наизменично, по една сообраќајна лента. Воспоставен е режим на двонасочен сообраќај со наизменично пропуштање на возилата низ една заедничка слободна лента.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15 ноември 2026 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Обврската ќе трае до 15 март 2027 година.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
