Култура

Виктор Спасески ја претставува Македонија на Европскиот шампионат во слем-поезија

19.11.2026 12:22

Прилепчанецот Виктор Спасески, минатогодишен национален победник на „Поетски слем Македонија“, ќе настапи на Европскиот шампионат во слем-поезија, кој од денес до 21 ноември се одржува во Грац, Австрија. Тој ќе се натпреварува со претставници од уште 29 европски земји за титулата европски шампион и пласман на Светскиот шампионат.

Виктор Спасески од Прилеп ќе ја претставува Македонија на Европскиот шампионат во слем-поезија, кој од денес до 21 ноември ќе се одржува во Грац, Австрија. Спасески е минатогодишен национален победник на „Поетски слем Македонија“, а на европската сцена ќе се натпреварува со победници од уште 29 земји.

Учесниците ќе бидат распоредени во две полуфиналиња, а ќе се натпреваруваат за титулата европски шампион во слем-поезија и за квалификација на Светскиот шампионат.

Според правилата на натпреварувањето, поетите треба да изведат авторски текстови на слободна тема, во времетраење од најмногу четири минути. Не се дозволени костими и реквизити, а на сцената поетите можат да настапуваат само со своите текстови и гласови. Германските преводи на сите изведби ќе бидат проектирани во живо, а публиката ќе има можност да учествува во жирирањето.

Македонија од 2014 година редовно има свои претставници на европските слем-шампионати. Досега земјава ја претставувале Афродита Николова, Елена Пренџова, Игор Трпчески, Марија Грубор, Никола Дукоски, Горазд Кени Китановски, Миланчо Пендев и Матеј Петров.

Годинешната победничка на „Поетски слем Македонија“, Валерија Дамчевска од Битола, ќе ја претставува земјава на следниот Европски шампионат, кој ќе се одржи во Естонија.