Самит на АПЕК

Историска средба во Шенжен на најмоќната светска тројка

19.11.2026 10:05

Историска средба во Шенжен на најмоќната светска тројка. Доналд Трамп, Владимир Путин и Шји Џинпинг на самитот на АПЕК. За Трамп, самиот самит е голема победа. Тој и Путин одржале билатерална средба, пократка од еден час, а главна тема била војната во Украина. Сѐ уште нема конкретни детали за евентуални договори или поместувања во преговорите за завршување на конфликтот.

На маргините на самитот на АПЕК во кинескиот град Шенжен – историска трилатерална средба на САД, Русија и Кина со фокус на војните во Украина, Иран, трговијата, вештачката интелигенција и нуклеарното оружје.

„Нашите земји имаат многу заеднички интереси во решавањето на регионалните конфликти, секако, вклучувајќи го и конфликтот во Украина. За ова разговаравме вчера со претседателот на Кина, а денес посветивме значително внимание на тоа и на билатералната средба со претседателот на САД“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Во пресрет на разговорите, Трамп оцени дека средбите со Путин и Шји се голема победа. Тој оствари одделни средби со двајцата лидери, нарекувајќи го рускиот колега „пријател“.

„Имавме одличен однос многу години, се познаваме долго време и мислам дека од ова можат да произлезат многу прекрасни работи, или барем да започнат, но мислам дека ќе произлезат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп и Путин ја имаа првата директна средба по повеќе од една година. Од Кремљ соопштија дека разговарале за војната во Украина и билатералните односи, а Путин, според руските медиуми, ја напуштил средбата во добро расположение. На средбата со Џинпинг, Трамп зборуваше за трговските односи, енергетската безбедност и Иран, но побара и кинеска поддршка за завршување на војната во Украина.

„Очекуваме двајцата да помогнеме во однос на војната меѓу Русија и Украина. Би сакале да видиме дека ќе заврши“, нагласи Трамп.

Трамп изрази оптимизам дека трилатералните разговори можат да донесат значајни резултати. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека длабоките несогласувања меѓу трите сили оставаат мал простор за брзи и конкретни договори.

 

Бојана Крстевски

 

Фото: Reuters