Сали – Исранг: Германија останува стратешки партнер на европскиот пат на Македонија
Продлабочување на билатералната соработка, реформите и напредокот во евроинтеграциите биле во фокусот на средбата на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали со директорот за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Кристоф Исранг. Сали ја истакнал поддршката од Германија за европската интеграција на земјава и посветеноста на Владата за спроведување на реформите, особено во владеењето на правото и јавната администрација.

Германија останува стратешки партнер и доследен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија. Ова било истакнато на средбата на првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, со директорот за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Кристоф Исранг.
Во фокусот на разговорите биле билатералните односи, пристапувањето во Европската Унија и спроведувањето на Реформската агенда. Сали го истакнал значењето на развојната соработка и поддршката од германската организација ГИЗ за институциите, особено во спроведувањето на реформите и регионалната размена на искуства.
На средбата била нагласена потребата од фер и предвидлив процес на проширување, заснован на заслуги. Сали ја посочил подготвеноста за конструктивен дијалог за отворените прашања, како и важноста од финализирање на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација.
Соговорниците разговарале и за Планот за раст за Западен Балкан и придобивките од постепената интеграција. Меѓу нив биле посочени учеството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), дигиталната поврзаност и намалувањето на трошоците за роаминг.
Размениле мислења и за подготовките на Европската Унија за прием на нови членки, како и за потребата од предвидлива повеќегодишна финансиска рамка што ќе ги поддржи реформите, инвестициите и економското приближување.
Сали ја потврдил посветеноста на Владата на мерливи реформски резултати и продлабочување на партнерството со Германија, со цел европската интеграција да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
