Економија

Николоски: Македонија нуди поволни услови за инвестирање

19.11.2026 15:48

Продлабочување на економската соработка со Јапонија, зголемување на трговската размена и привлекување нови инвестиции биле во фокусот на средбата на вицепремиерот Александар Николоски со претставници на Јапонската организација за унапредување на надворешната трговија – ЈЕТРО. Николоски ги претставил економските показатели и даночната политика на земјава, посочувајќи дека очекува годинава раст на БДП од 3,8 проценти.

Вицепремиерот Александар Николоски на средбата со претставниците на ЈЕТРО истакнал дека Македонија нуди поволни услови за инвестирање, наведувајќи го растот на бруто-домашниот производ, индустриското производство и градежништвото, како и даночната политика.

Тој посочил дека, и покрај глобалната економска криза, земјата ги задржува позитивните економски показатели, со инфлација од околу три проценти, што, според него, е во рамки на европскиот просек. Николоски очекува годината да заврши со раст на БДП од 3,8 проценти, по двете корекции на прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Во однос на даночната политика, Николоски навел дека персоналниот данок на доход и данокот на добивка изнесуваат по 10 проценти, а добивката не се оданочува доколку се реинвестира. Како предности ги посочил и обучената работна сила, дуалното образование и договорите за слободна трговија, кои овозможуваат извоз без дополнителни давачки на повеќе пазари.

На средбата било разговарано и за можностите за продлабочување на економските односи меѓу Македонија и Јапонија, особено во делот на трговската размена, инвестициите и другите форми на деловна соработка.

ЈЕТРО е јапонска владина организација чија цел е унапредување на меѓународната трговија, инвестициите и деловната соработка меѓу Јапонија и другите земји.