Министерството за јавна администрација меѓу наградените на ОЕЦД-СИГМА и РеСПА за 2026 година
Министерството за јавна администрација доби специјално признание во рамките на Наградите за јавна администрација за 2026 година (Public Administration Awards 2026), доделени во Белград, во организација на Регионалното училиште за јавна администрација – ReSPA и ОЕЦД-СИГМА...

Министерството за јавна администрација доби специјално признание во рамките на Наградите за јавна администрација за 2026 година (Public Administration Awards 2026), доделени во Белград, во организација на Регионалното училиште за јавна администрација – ReSPA и ОЕЦД-СИГМА, за проектот „PAR Connect – Дигитална платформа за следење на реформата на јавната администрација“.
Ова признание претставува значајна регионална афирмација на реформските заложби на Министерството и потврда дека институционалните иновации, дигитализацијата и систематскиот пристап кон управувањето со реформските процеси се препознаваат како важни двигатели на модерната јавна администрација.
Наградената ИТ-алатка претставува дигитално решение за следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кое овозможува поврзување на институциите, централизирано следење на реформските активности и навремен увид во степенот на реализација на преземените обврски. Преку неа се опфатени околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, со можност за следење во реално време, подобра координација и поефикасно известување за напредокот на реформите.
Посебната вредност на ова решение е во тоа што реформскиот процес го прави посистематичен, потранспарентен и поодговорен. Наместо реформите да останат само збир на стратешки определби и институционални обврски, алатката овозможува нивно континуирано следење, идентификување на предизвиците и создавање основа за навремено преземање соодветни мерки. На тој начин, дигиталната технологија се става во функција на подобро институционално управување и мерлив реформски напредок.
Дополнителна вредност на ИТ-алатката е нејзиниот потенцијал за поширока институционална примена.
Конкретен пример за тоа се Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи, кои, врз основа на склучени меморандуми за соработка, ја презедоа ИТ-алатката и се во фаза на нејзина адаптација за следење на сопствените стратешки документи и акциски планови.
Овогодишните награди за јавна администрација бележат исклучително голем интерес, со повеќе од 100 пристигнати апликации од институции од Западен Балкан и Источното соседство. Во рамките на категоријата специјални признанија, проектот на Министерството за јавна администрација е издвоен меѓу практиките што демонстрираат иновативност, институционална применливост и потенцијал за унапредување на јавниот сектор.
Признанието добива дополнителна тежина, имајќи предвид дека станува збор за регионална иницијатива која ги афирмира успешните реформски практики, поттикнува размена на знаења и искуства и создава простор за пренесување на иновативни решенија меѓу јавните администрации.
За Министерството за јавна администрација, ова признание е поттик и обврска реформските процеси да продолжат со уште посилна динамика, со јасна насоченост кон резултати, институционална одговорност и квалитетни јавни услуги.
