Историска средба во Кина
Трамп, Путин и Џинпинг на историска трилатерална средба во Кина се заложија проблемите да се решаваат конструктивно, преку дијалог.

Историска средба, заедничка декларација и порака против нуклеарна војна. По 90 минути разговори во Шенжен, Трамп, Путин и Џјинпинг објавија заедничка декларација за мир, со обврска за зачувување на меѓународната безбедност и намалување на нуклеарните ризици. Во документот се опфатени 4 точки: реформи во ОН, енергетска безбедност, надлежностите на меѓународните судови и спречување на ширењето на нуклеарното оружје. Тројцата лидери се заложија за стратешка стабилност, а испратија и заедничка порака- нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води.
„Нуклеарното оружје треба целосно да се забрани и уништи. Нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води“, изјави Шји Џинпинг, претседател на Кина.
Но, зад пораките за глобална безбедност, Украина остана една од најчувствителните теми. Трамп потврди дека за војната разговарал со Путин и изрази надеж дека двете страни сакаат нејзино завршување.
„Претседателот Путин и јас имавме долг разговор. Се надевам дека и другата страна сака да се стави крај на војната“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
И Путин потврди дека Украина била дел од разговорите со двајцата лидери. Тој повика на заедничка одговорност за решавање на регионалните конфликти и зачувување на меѓународниот мир.
„Нашите земји имаат многу заеднички интереси во решавањето на регионалните конфликти, секако, вклучувајќи го и конфликтот во Украина“, нагласи Владимир Путин, претседател на Русија.
Сепак, Украина не е конкретно опфатена во декларацијата. Нема договор за прекин на огнот, ниту конкретен план за завршување на војната. Тоа отвора прашања за вистинскиот дипломатски ефект од средбата, особено кај Киев и европските сојузници, кои стравуваат дека за иднината на Украина се разговара без нивно учество. Трамп веќе ја напушти Кина. При разделбата со Шји, Путин му порача дека средбата поминала подобро отколку што очекувал. Историската фотографија е испратена, декларацијата е објавена, но конкретните резултати допрва ќе се мерат.
Бојана Крстевски
