Попоски-Лукшиќ: Постои простор за развивање на економски релации

07.10.2014 13:19

Ќе продолжи меѓусебната поддршка на евроинтегративниот пат. На средбата шефовите на дипломатиите на Македонија и Црна Гора разговарале и за детали за заеднички амбасади...

Добри политички односи и простор за развивање на економските релации, порака од Подгорица, од министрите за надворешни работи Никола Попоски и Игор Лукшиќ.

Ќе продолжи меѓусебната поддршка на евроинтегративниот пат. На средбата разговарале и за детали за заеднички амбасади, и регионална иницијатива, во која е и Црна Гора.

Попоски со коментар и за претстојниот извештај на Европската комисија за Македонија. Лукшиќ со став за балканскиот синдром на соседна блокада , случајот со Грција.

„Во политички смисол извештајот на Комисијата за Македонија е брод на суво, бидејќи секоја препорака досега не вродила со плод, бидејќи одлуките за Македонија не зависат толку од извештајот, веројатно помалку од самата Комисија, бидејќи се во заложничка драма под Акропол. Мислам дека за нас ќе биде значајно да се посветиме на оној дел кој зависи само од нас, а тоа се реформите кои ќе продолжиме да ги спроведуваме понатаму“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Попоски.

„Не пропуштам можност во нашите билатерални разговори, било со Никола, било со нашите грчки колеги, да се распрашам како стојат работите и да се интересирам за што поскоро решавање на тоа прашање, бидејќи тоа им носи огромна корист на сите во регионот“, додаде шефот на црногорската дипломатија, Игор Лукшиќ.

Најавена е можноста за одржување заедничка седница на двете влади. Шефот на дипломатијата ќе се сретне и со црногорскиот премиер Ѓукановиќ и со претседателот Вујановиќ.