Македонија

Муцунски: Безбедноста на Западен Балкан е неразделно поврзана со стабилноста на Европа

19.11.2026 18:21

На конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, организирана од германскиот институт „Аспен“ во соработка со Министерството за надворешни работи, министерот Тимчо Муцунски ја истакнал стратешката определба на земјата за членство во Европската Унија и важноста на регионалната соработка.

Безбедноста на Западен Балкан е неразделно поврзана со безбедноста и стабилноста на Европа. Ова го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, што синоќа се одржала во Скопје, во организација на германскиот институт „Аспен“ (Aspen Institute Germany), во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Муцунски ја нагласил стратешката ориентација на земјата, посочувајќи ги членството во НАТО, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и определбата за полноправно членство во Унијата.

Според него, проширувањето на Европската Унија претставува геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент.

Муцунски оценил дека Западен Балкан треба сè повеќе да се препознава како регион што придонесува за колективната отпорност и европската безбедност. За тоа, како што посочил, се потребни политичка одговорност, посилна регионална соработка и свест дека безбедноста на една држава не може да се одвои од безбедноста на нејзините соседи.