Енергетика

Министерството за енергетика и МЕМО воведуваат тргување со негативни цени на струјата

19.11.2026 18:00

Од денеска, на организираниот пазар на електрична енергија се овозможува доставување понуди и налози со негативни цени. Со оваа реформа се зголемува флексибилноста на домашниот пазар и се овозможува негово поголемо усогласување со европските практики.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, воведува можност за тргување со негативни цени на електрична енергија.

Со измените, на пазарот ден однапред ценовниот опсег се проширува од досегашните 0,10 до 1.000 евра на минус 600 до 4.000 евра за мегават-час. Кај пазарот во тековниот ден, опсегот ќе изнесува од минус 9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.

Негативните цени може да се појават во периоди на зголемено производство и намалена потрошувачка, особено кога има високо производство на електрична енергија од обновливи извори. Со овој механизам пазарните цени пореално ќе ги одразуваат понудата и побарувачката, а учесниците ќе добијат поголема флексибилност во тргувањето.

Промената треба да поттикне подобро планирање на производството, инвестиции во батериски системи за складирање и поефикасно управување со енергетските текови.

Од Министерството појаснуваат дека воведувањето на оваа можност не значи дека негативните цени автоматски ќе се формираат на пазарот, ниту дека домаќинствата ќе добијат пониски или негативни сметки за електрична енергија.

Со реформата се очекува унапредување на конкурентноста на домашниот пазар и создавање подобри услови за интеграција на обновливите извори на енергија и поврзување со европскиот енергетски пазар.