„Четирите светлини на Новата година“ - новогодишна книга за деца
Волшебната земја од новогодишната сказна, годинава се вика Македонија. „Матица македонска“ наскоро ќе ја објави книгата „Четирите светлини на Новата година“ од Иван Антоновски, раскошно илустрирана книжевна авантура што ја носи Македонија во средиштето на новогодишната магија. Книгата веќе е во печат.

Волшебната земја од новогодишната сказна, годинава се вика Македонија. „Матица македонска“ наскоро ќе ја објави книгата „Четирите светлини на Новата година“ од Иван Антоновски, раскошно илустрирана книжевна авантура што ја носи Македонија во средиштето на новогодишната магија. Книгата веќе е во печат.
Над снежните планини полетува санка од месечева светлина. Девојчето Илина и балканскиот рис Риско тргнуваат во потрага по четири изгубени светлини, од кои зависи дали Новата година ќе го најде патот до секој дом. Меѓу карпите на Кокино, во мозаиците на Стоби, меѓу буквите што оживуваат на Плаошник во Охрид и над снежното Крушево ги чекаат тајни што мора да ги откријат пред полноќ.
Меѓу моликите на Пелистер, една трага во снегот е загатка дури и за Риско. Над Галичица, Илина ги гледа Охридското и Преспанското Езеро заедно и открива што значи да се погледне од друго место. Во оваа сказна, Македонија е самото чудо.
Во пресрет на излегувањето од печат, книгата веќе е достапна во претпродажба, со попуст на веб-страницата на „Матица македонска“.
Да му се подари оваа книга на дете значи да му се подари Македонија што ќе посака да ја открива. Во раскажувањето на Антоновски, снегот остава „по една бела мисла крај трите големи езера“. Местата од тој волшебен свет детето може и навистина да ги посети и да ги препознае на семејното патување: „Тука беа Илина и Риско!“
Големата карта на Македонија, дванаесетте мисии и креативните работилници му даваат на детето сопствена улога во авантурата. Тоа открива скриени детали, избира ново патување за Риско и создава театар на сенки со своите блиски.
Со личната посвета, цртежите и записите, секој примерок станува единствен. Книгата расте со детето, а кога тоа ќе порасне, меѓу страниците ќе ги најде зборовите на оној што му ја подарил и сопствените траги од детството.
Во годината на својата 35-годишнина, „Матица македонска“ со ова издание им се обраќа на семејствата што сакаат љубовта кон книгата и кон Македонија да им ја пренесат на децата. Издавачот ја најавува книгата со пораката: „Подарок за Нова година. Книга за цел живот.“
