Воен конфликт

Руски напади врз Киев, оштетени австриската и холандската амбасада

20.11.2026 10:03

Три лица загинаа, а околу 15 се повредени во руски ракетен напад врз три моста преку реката Дњепар во Киев. Во нападите со беспилотни летала оштетени се и објекти на австриската и холандската амбасада. Холандскиот премиер Роб Јетен порача дека земјата нема да дозволи да биде заплашена од руските напади.

Руски балистички ракети погодиле три моста преку реката Дњепар во Киев, при што загинале три лица, а околу 15 се повредени. Станува збор за најголем напад врз сообраќајниците што ги поврзуваат левиот и десниот брег на украинската престолнина од почетокот на војната.

Нападите следуваат откако рускиот претседател Владимир Путин вети силен одговор на неодамнешната серија украински напади врз мостот што ја поврзува Русија со Крим.

Во руски напад со беспилотни летала врз Киев загина едно лице, а на австриската амбасада ѝ беа искршени прозорците. Напади со дронови имаше и во близина на холандската амбасада во Киев.

„Постои многу голема веројатност дека ова навистина е предизвикано од руски напад – дел од тековните напади врз Украина, кои сега ја погодија и холандската амбасада. Холандија во никој случај нема да дозволи да биде заплашена од вакви руски напади. Овој напад доаѓа набргу по делумното уништување на Кримскиот мост – настан во кој, според тврдењата, била вклучена и една холандска компанија“, изјави Роб Јетен, премиер на Холандија.