Европските лидери подготвени за преговори со Москва за крај на војната во Украина
Европските лидери порачаа дека се подготвени да преговараат со Москва за ставање крај на војната во Украина, со нагласена поддршка за Киев. Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Москва ги поканила европските претставници на разговори за да ги утврдат своите ставови и можниот формат за продолжување на дијалогот.

Европските лидери изјавија дека се подготвени да преговараат со Русија за ставање крај на војната во Украина, давајќи му силна поддршка на Киев.
„Сакаме мир за Украина кој е праведен и траен. Сакаме поголема, а не помала безбедност за Европа и за светот. Преговорите со Украина и Европа можат да бидат успешни само ако работиме заедно. Формат по примерот на Јалта нема да донесе мир“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
На прес-конференцијата по разговорите со Трамп и Шји, Путин кажа дека Американците инсистирале Русија да им дозволи на Европејците да учествуваат во преговорите за Украина.
„Русија не е против таа идеја, но сака да разјасни што Европа ќе придонесе во овие преговори. Затоа, преку дипломатски канали, ги поканивме Европејците да дојдат во Москва за да ги утврдат своите ставови, а потоа ќе одлучиме во каков формат ќе го продолжиме дијалогот со Украина“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
