Спречен нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол, пратката уништена на Дрисла
Царински службеници спречиле нелегален внес на 2,8 тони нејодирана сол, која е забранета за увоз. Пратката била декларирана како индустриска сол, но при контролата било утврдено дека не одговара на податоците во увозната документација. По решение на Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла.

Царински службеници од Царинската испостава Скопје 3 спречиле обид за нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол, која е забранета за увоз.
Од Царинската управа информираат дека случајот бил откриен при контрола на стока декларирана како индустриска сол. Увозникот, производител на храна, приложил изјава дека солта ќе се користи за индустриски цели. Меѓутоа, при контролата било утврдено дека станува збор за нејодирана сол, а не за индустриска, како што било наведено во изјавата и во увозната царинска декларација.
Согласно македонската легислатива, солта што се употребува во исхраната задолжително треба да биде јодирана поради штетните последици врз здравјето на граѓаните од консумирање нејодирана сол.
Против осомничените е поведена соодветна постапка, а по решение на Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла.
Од Царинската управа посочуваат дека откривањето царински измами поврзани со храна е еден од главните приоритети, со цел заштита на здравјето на граѓаните. За таа цел, минатата година со Агенцијата за храна и ветеринарство бил склучен и Меморандум за размена на податоци, со што е унапредена борбата против криминалот поврзан со храна.
