Расте бројот на заболени од грип, достигнат е епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната
Во земјава се регистрирани 154 нови случаи на грип и заболувања слични на грип во текот на една недела, што е зголемување од 37,5 отсто во споредба со претходната недела. За првпат сезонава е надминат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип. Најмногу заболени има во Тетово, Скопје и Куманово, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје.

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во земјава е во пораст. Од 9 до 15 ноември, односно во 46-тата недела од годинава, пријавени се 154 случаи, што е за 37,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога биле регистрирани 112 случаи.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје, во истиот период минатата сезона биле пријавени 117 случаи, што значи дека годинава бројот е повисок за 31,6 отсто. Во споредба со моделот за последните 16 сезони, зголемувањето изнесува 73,2 отсто.
Најмногу заболени во изминатата недела се регистрирани во Тетово – 49, Скопје – 38 и Куманово – 19. Во Радовиш се пријавени 12 случаи, во Велес осум, во Гостивар седум, во Прилеп пет и во Струмица три. По два случаја има во Ресен, Неготино, Охрид и Штип, а по еден во Гевгелија и Македонски Брод.
Според возрасната структура, најголем број заболени, 102, се на возраст од 15 до 64 години. Регистрирани се и 22 случаи кај лица постари од 65 години, 16 кај деца до четиригодишна возраст и 14 кај деца од 5 до 14 години.
За првпат оваа сезона е надминат прагот од 7,32 случаи на 100.000 жители, со што е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип. Сепак, активноста на вирусот на национално ниво засега е оценета како ниска.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ биле доставени 64 примероци за тестирање на грип, Ковид-19 и респираторен синцицијален вирус. Четири примероци биле позитивни на грип, од кои три на вирусот од типот А, без определен подтип, а кај еден бил утврден подтипот A(H3). Регистрирани се и три позитивни резултати на SARS-CoV-2.
Од почетокот на сезоната 2026/2027, во земјава се пријавени вкупно 609 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е за 6,7 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона, кога биле регистрирани 571 случај.
Најголем број заболени од почетокот на сезоната има во Тетово – 198 случаи, каде што е регистрирана и највисока инциденца од 118,6 на 100.000 жители.
Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од сезонски грип, особено за лицата од ризичните групи: повозрасните од 65 години, децата на возраст од 6 до 59 месеци, лицата со хронични заболувања, бремените жени и здравствените работници.
Вакцинацијата во земјава почна на 21 октомври, а термин за бесплатна вакцина може да се закаже преку vakcinacija.mk. Според податоците на Управата за електронско здравство, досега се вакцинирани 25.458 лица од ризичните групи.
