Обвинителството и одбраната со спротивставени ставови за форензичката постапка во случајот „Ристов“
Начинот на кој биле собрани и обработени доказите во случајот со пронајдените 350 илјади евра кај родителите на Ѓоко Ристов повторно во фокусот на судењето. Одбраната тврди дека форензичарите направиле пропусти при претресот, додека Обвинителството не гледа суштинско значење во изнесените забелешки.

Форензичарите кои ракувале со трагите пронајдени при претресот во куќата на родителите на екс-судијата Ѓоко Ристов ги прекршиле и домашните и меѓународните стандарди. Ова го тврди техничкиот советник на одбраната кој рече дека фолиите во кои биле смоткани еврата се спуштале на подот, без да се води сметка дека може да се контаминираат и да станат неупотребливи во судска постапка.
Вештакот на одбраната тврдеше и дека еден од техничарите за увид имал и скината раквица со која допирал потенцијални докази. За ова не бил составен записник.
Обвинителството смета дека советникот на одбраната не кажал ништо суштинско за процесот.
На разрешениот судија Ристов му се суди за незаконско стекнување и прикривање имот. Во домот на неговите родители во Неготино, беа пронајдени 350 илјади евра вкопани во ѕид. Родителите тврдеа дека судијата не знаел за парите и дека им биле заштеда од продажба на земјоделски производи.
Анита Димитријевска - Велковска
