Животот станува поскап
20.11.2026 14:15
И владината пресметка на просечната потрошувачка кошничка и синдикалниот есап покажуваат – животот станува поскап...

Инфлацијата се подгрева и притиска врз домашниот буџет на граѓаните како рефлексија на глобалните економски предизвици. Тоа го потврдуваат владината и синдикалната пресметка на потрошувачките кошници, иако разликата меѓу нив останува околу 200 евра. Просечната потрошувачка кошница за октомври изнесувала 59.149 денари, за 942 денари или 1,6 насто повеќе во однос на претходниот месец – пресмета Министерството за економија и труд. Најголемо зголемување има кај храната и пијалаците, особено кај овошјето и зеленчукот. Но, поскапеле и домувањето, облеката и обувките, рекреацијата, културата, електриката, гасот и горивата.
Според пресметката на ССМ, пак, минималната потрошувачка кошница за ноември е поскапа за 469 денари и изнесува 70.827 денари. Најголем дел од трошоците отпаѓа на основните прехранбени производи.
Според министерот Дурмиши, сè уште нема индикации за мерки, бидејќи инфлацијата е под европскиот просек. Но, тој порачува дека состојбата будно се следи и, доколку се утврди девијантно однесување од трговците, ќе се донесат мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Пазарниот инспекторат врши редовни контроли во маркетите, кај увозниците и дистрибутерите, но не е утврдено надминување на законски определените маржи. Со измените на Законот за нефер трговски практики предвидено е за 10 пати зголемување на казните, од 20 на 200 илјади евра.
Александра Велинова
