Статистика

Просечната нето-плата во септември 49.141 денар, годишен раст од 8,1 процент

20.11.2026 16:23

Просечната месечна исплатена нето-плата во септември годинава изнесувала 49.141 денар, што е зголемување од 8,1 процент во споредба со истиот месец лани. Најголем раст на платите е забележан во секторите снабдување со вода и управување со отпад, административни и помошни услужни дејности и трговија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември 2026 година изнесувала 49.141 денар, што е за 8,1 процент повеќе во споредба со септември минатата година, објави Државниот завод за статистика.

Растот на просечната нето-плата, пред сè, се должи на зголемувањето на примањата во секторите снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината, каде што е забележан раст од 11,6 проценти.

Зголемување има и во административните и помошните услужни дејности за 10,6 проценти, како и во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли за 10 проценти.

Во споредба со претходниот месец, раст на просечната исплатена нето-плата е регистриран во рударството и вадењето камен за 6 проценти, преработувачката индустрија за 3 проценти и јавната управа и одбраната, како и задолжителното социјално осигурување за 2,5 проценти.