Народна банка

Раст на депозитите и кредитите во октомври – годишниот раст на кредитната активност достигна 14,3 проценти

20.11.2026 15:24

Вкупните депозити во октомври се зголемиле за 9,3 проценти на годишно ниво, додека кредитната активност бележи раст од 14,3 проценти, покажуваат податоците на Народната банка. Забрзан е и растот на депозитите на населението, кои на годишно ниво се повисоки за 9,4 проценти.

Раст на депозитите и кредитите во октомври годинава. Според најновите податоци на Народната банка, вкупните депозити се зголемиле за 0,5 проценти на месечно и за 9,3 проценти на годишно ниво.

Месечниот раст во целост произлегува од зголемувањето на депозитите на домаќинствата, додека годишното зголемување се должи на растот на депозитите и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Кредитната активност во октомври забележала месечен раст од 0,7 проценти, додека на годишно ниво е повисока за 14,3 проценти. Зголемувањето се должи на повисокото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Депозитите на населението се зголемиле за 1,3 проценти на месечно и за 9,4 проценти на годишно ниво. Раст бележат и орочените депозити на домаќинствата, кои на месечна основа се повисоки за 0,6 проценти, а на годишна за 5,7 проценти.

Кредитите на населението во октомври пораснале за 0,7 проценти на месечно и за 12,6 проценти на годишно ниво. Продолжува растот и на потрошувачките и на станбените кредити. На месечно ниво двата вида кредити бележат раст од 0,9 проценти, додека на годишно ниво потрошувачките се повисоки за 12,3 проценти, а станбените за 15,9 проценти.

Кај корпоративниот сектор, депозитите се намалиле за 0,7 проценти на месечно ниво, но на годишна основа бележат раст од 9 проценти. Кредитите на претпријатијата се зголемиле за 0,8 проценти во однос на претходниот месец, додека годишниот раст изнесува 16,1 процент.

Паричната маса во октомври забележала месечен раст од 0,5 проценти, а на годишно ниво е зголемена за 8,9 проценти, покажуваат податоците на Народната банка.