Светски ден на детето

Демографските предизвици бараат поголема грижа и инвестиции во децата

20.11.2026 17:29

Помалку од половина од децата до шестгодишна возраст во земјава се опфатени со предучилишно образование. По повод Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ повика на поголеми инвестиции во раниот детски развој и создавање еднакви можности за сите деца. Надлежните најавуваат проширување на мрежата на градинки и подобрување на условите за учење и развој.

Македонија се соочува со сериозен демографски предизвик – намалување на наталитетот. Создавањето услови за развој на децата е приоритет – предупредува УНИЦЕФ. Помалку од половина од децата до шестгодишна возраст се опфатени со предучилишно образование, а најпогодени се оние од социјално ранливите семејства.

„За децата, тоа значи поголеми шанси за успех во образованието и животот, како и прекинување на кругот на неповолност и сиромаштија. За родителите, поголеми можности за вклучување на пазарот на труд“, изјави Лесли Милер – претставничка на УНИЦЕФ.

Мрежата на детски градинки се проширува – посочува министерот за социјална политика, Велковски. Со едносменската настава во училиштата се обезбедува повеќе време за учење и дружење на децата, вели министерката за образование.

„Но, не е доволно само повеќе места во детските градинки, подеднакво важно е секое дете да добие квалитетна поддршка, соодветна грижа и поттикнувачка средина за учење и развој“, рече Ѓоко Велковски – министер за социјална политика, демографија и млади.

„Со воведувањето на едносменската настава и проширувањето на продолжениот престој во училиштата, на децата им обезбедуваме повеќе време за учење, дружење, спорт, креативност и развивање на нивните интереси“, додаде Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Со симболично ѕвонење на берзанското ѕвонче беше испратена порака дека инвестирањето во децата е и инвестиција во иднината.

„Децата се утрешните работници, потрошувачи, но и иноватори и лидери. Сепак, ова сè уште не е доволно препознаено во деловниот свет“, изјави Иван Штериев – директор на Македонската берза.

20 ноември, Светскиот ден на детето, се поврзува и со Декларацијата и Конвенцијата за правата на детето.

 

Андријана Ѓурческа