Македонија

Изгаснат пожарот во болницата „8 Септември“, пациентите безбедно евакуирани

20.11.2026 14:35

Пожар избувнал денеска на терасата на Одделението за ортопедија и трауматологија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Со брза реакција на болничкиот персонал, пациентите биле превентивно евакуирани, а пожарот бил изгаснат. Нема повредени, материјалната штета е незначителна, а болницата продолжува со редовна работа.

Пожарот што денеска избувнал во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје е изгаснат. Сите пациенти и вработени се безбедни, а болницата продолжува со редовна работа.

Според информациите од болницата, пожарот бил забележан околу 10:35 часот, откако вработените на првиот кат почувствувале мирис на чад и забележале чад од терасата на Одделението за ортопедија и трауматологија, кое се наоѓа на вториот кат.

Веднаш биле известени раководителот на одделението и тимот за евакуација. Со брза и координирана реакција на персоналот, сите пациенти од одделението биле превентивно и безбедно евакуирани и згрижени.

Пожарот бил изгаснат со противпожарната опрема на болницата, а била повикана и противпожарната служба.

Од болницата информираат дека на местото на пожарот нема електрична ниту гасна инсталација, а материјалната штета е незначителна. Според првичните информации, можно е пожарот да бил предизвикан од отпушок од цигара, но точната причина и околностите сè уште се утврдуваат.

Раководството им се заблагодари на вработените за присебната и професионална реакција, како и на пациентите и нивните семејства за разбирањето.