Изгаснат пожарот

20.11.2026 14:49

Пожарот што денеска избувнал во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје е изгаснат. Сите пациенти и вработени се безбедни, а болницата продолжува со редовна работа...

Во моментот на избувнување на пожарот, пациентот Ѓоко Кицевски бил на Одделението за ортопедија. Чекал за преглед, но на првиот кат во ГОБ „8 Септември“, еден кат подолу од местото каде што се појавиле пламените јазици. Тој за МТВ сведочи што се случувало утрото во болницата.

Според првичните информации, отпушок од запалена цигара е причината за пожарот. Вработените почувствувале чад, па веднаш го известиле тимот за евакуација и почнале со преместување на пациентите на други оддели.
 
На балконот на вториот кат на Одделот за ортопедија се запалиле инвалидски колички. Вработените реагирале брзо и ги евакуирале пациентите. Во 11 часот била повикана и Противпожарната бригада на Град Скопје, а на терен излегле со 4 противпожарни возила и 10 пожарникари.
 
Половина час по пријавата за пожар во Градската општа болница „8 Септември“, беа дојдени роднини на пациенти да си ги однесат дома. Обезбедувањето не дозволуваше да се влезе внатре од главната врата, со објаснување дека има чад и дека полицијата врши увид. За разлика од Ѓоко, кој бил во непосредна близина на местото каде што горело, други пациенти не ни знаеле дека има пожар.
 
Од ГОБ „8 Септември“ информираат дека сите пациенти се безбедни, а болницата продолжува со тековната работа. Штетата од пожарот е незначителна.
 

Наташа Јанчиќ Менковски