Македонија

Институциите договараат побрза реакција и поголема заштита на жртвите на семејно насилство

20.11.2026 18:42

МВР, Министерството за социјална политика и Обвинителството ќе воспостават постојани контакт-точки за побрза комуникација и координација. Предвидено е итно известување на обвинителството по секоја пријава, процена на ризиците и поефикасен кривичен прогон.

Побрза реакција на институциите, поголема заштита на жртвите и поефикасен прогон на сторителите – ова е договорено на средбата меѓу министрите за внатрешни работи и социјала, Тошковски и Велковски, со републичкиот обвинител Савески. Разгледани конкретни мерки за зајакнување на меѓуинституционалната координација и итно постапување во случаите на семејно насилство. Се воспоставуваат постојано достапни контакт-точки за непосредна комуникација и координација меѓу трите институции за да нема доцнење во случаите на семејно насилство.

„Договоривме МВР, веднаш по приемот на пријава да го известува надлежното обвинителство, по што јавниот обвинител ќе координира тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Ќе се обезбедува итна проценка на ризиците, потребните докази и стручни мислења, со цел брзо и ефикасно постапување“, соопштуваат од МВР.

„Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризиците и прибирање на сите потребни докази, со што ќе се создадат услови за брзо донесување јавнообвинителска одлука и преземање соодветни дејствија за кривичен прогон“, велат од Обвинителството.

Опозицијата обвини за задоцнета реакција и бара оставка од Тошковски. Од почетокот на оваа година во земјава се регистрирани седум фемициди.

 

Ана Јосифоска