Собрание

Продолжува расправата за Буџетот за 2027 година, поднесени 400 амандмани

21.11.2026 11:12

Во Собранието продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, за кој се поднесени 400 амандмани. На првиот ден беа отфрлени околу 30 предлози на опозицијата. Буџетот предвидува приходи од 395,4 милијарди денари, расходи од 440,4 милијарди и дефицит од 3,5 проценти од БДП. За капитални инвестиции се планирани 40,8 милијарди денари.

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година. За буџетот се поднесени вкупно 400 амандмани од овластените предлагачи.

На првиот ден од расправата, вчера, беа разгледани и отфрлени околу 30 амандмани поднесени од опозицијата. Тие главно се однесуваа на обезбедување дополнителни средства за електронско следење на насилниците и систем за предупредување на жртвите, поддршка на меѓуетничките односи и правичната застапеност, модернизација на собранискиот канал, како и за противпожарните служби, одбраната и долгорочно невработените лица.

Според проекциите, вкупните приходи во Буџетот за 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што е раст од 5,7 проценти во однос на годинава. Расходите се предвидени на 440,4 милијарди денари, односно за 4,8 проценти повеќе.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП. За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, додека за социјални трансфери 220,8 милијарди денари. Од нив, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии.