Москва подготвува разговори со европските сили за крај на војната во Украина
Дипломатски иницијативи за завршување на војната во Украина, но и нови тензии на источното крило на НАТО. Москва најавува можност за разговори со претставници на Велика Британија, Германија и Франција, додека Берлин бара преговори на неутрална територија и прекин на огнот како предуслов.

Русија подготвува посета на претставници на Велика Британија, Германија и Франција во Москва, за разговори за завршување на војната во Украина, по предлогот на Путин. Москва, сепак, ја отфрли можноста Калас да учествува во преговорите. Од Берлин порачаа дека дијалогот е неопходен, но дека разговорите треба да се одржат на неутрална територија, со прекин на огнот како предуслов. Трамп, по средбата со Путин во Кина, оцени дека постои реална шанса за договор.
„Путин јасно ја изрази желбата војната да заврши по дипломатски пат. Мислам дека постои реална добра шанса за договор“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Полска ја обвини Русија за провокација по падот на руски проектили и дрон на нејзина територија. Руте во Варшава по инцидентот. Естонија, пак, најави затворање на петте гранични премини со Русија додека на фронтот нападите продолжуваат.
