Крива Паланка

Протест во Крива Паланка поради неконтролираното движење на добитокот, жителите бараат итно решение

21.11.2026 16:54

Кривопаланчани со рок до Владата. До вторник да го донесе акцискиот план за трајно решавање на неконтролираното движење на добитокот, во спротивно ќе следуваат радикални чекори. Незадоволството го изразија на улица. По туркање со полицијата, го блокираа патот кој води кон границата со Бугарија.

Со туркање со полицијата и блокирање на магистралниот пат кој води кон границата со Бугарија, помина протестот на жителите во Крива Паланка. Побараа итна реакција од институции и трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток. Дадоа рок во вторник Владата на редовната седница да го донесе планот за дејствување. Во спротивно најавија зачестени протести. Жителите се принудени на ваков чекор бидејќи велат сиот труд ни е уништен.

За проблемот со добитокот расправаа министерот за земјоделство, претставници на Агенцијата за храната и ветеринарство и надлежните од Општина Крива Паланка. Но заедничко решение сè уште нема. Првиот човек на Крива Паланка поднесе и кривични пријави за неспроведување на правосилни решенија за одземање на добитокот и загрозување на безбедноста на граѓаните.

„Мојот план беше врз основа на неколку информации кои ги баравме на кои повикавме АХВ да си постапи по решенијата, да прогласиме и кризна состојба 30 дена, еден од механизмите коишто ги барам Влада врз основа на прогласување на кризна состојба да ја делегира законската надлежност и мандатот на општината во којшто ние за помалку од 10 дена најодговорно тврдам можеме да го решиме проблемот“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Над 1.000 грла добиток продолжува да се движи низ градот, населените места. Во досегашните акции заловени се само стотина животни.

Проблемот со добитокот датира десетина години. Но од 2024 година донесени се изврши и правосилни решенија за одземање на животните. Но тие сè уште слободно се движат насекаде.

 

Елена Георгиевска